Критичка уметност и уметничка критика

(the following post comes in Macedonian language only)

Следниот пост е (задоцнета) реакција на  јавната дискусија која што беше  организирана од страна на Кооперација, по повод изложбата „Реидентификација“ . Документацијата може да се преслуша тука.

Текстот е напишан како еден вид личен осврт, медитација на некои од изјавите кои што беа дадени во самата дискусија. Во никој случај текстот не представува личен напад врз спомнатите индивидуи во него, туку, повторувам, лична белешка за нивните изјави и реакции.

 

Нерелевантни журки на декоративна уметност. Младите што ништо не знаат.

 

Никола Гелевски:

„ Што правите бе вие? Журки? Ова е тотално нерелевантно, уметност како декорација, одјебете! Макните се! Ако немате што да кажете макните се! “

Кооперација прави нешто важно.

Во состојба каде што главното изразно средство, главниот медиум, е превземен од страна на „непријателот“, битно е за уметниците да се преселат и делуваат на самите маргини, каде треба да се освестува и едуцира, да се отстранат сите потреби и тежнеења кон испразни спектакли *. Да се преиспита и освести позицијата на уметниците сами како тие би можеле понатаму да делуваат – Тоа што Бојан Иванов го изрази како „моралната состојба на уметникот пред неговата уметност“.

Кооперација како самоорганизирана и самофинанцирана и најпосле самоосвестена група на уметници, преку „герила“ окупирање на вонинституционални градски простори прави геста – да, но и јасен стејтмент за тоа што таа осеќа дека е моменталната состојба на (ликовната) уметничка и политичка сцена во Македонија. Со тоа уметниците сами одбиваат да бидат дел од индиферентниот мајндсет и „модерен нихилизам“ за кои што се обвинети.

Тежината на самите изложби-случки можеби паѓа повеќе на дружењето и комуникацијата помеѓу групата уметници и публиката, али дури и кога би го нарекле тоа „журка“, не би можеле да оспориме дека младите (истите оние што ништо не знаат) се едуцираат баш тука, на журки.

Во еден момент Владимир Јанчевски пред да изнесе фактографски податоци за поштата во која што изгореа муралите на Борко Лазески изјавува

„Еве историскиот контект ќе го земеме, кој е битен за историчарите и за младите што ништо не знаат. “

Кој точно е крив за неинформираноста и индиферентноста на младите?

Одбивам да прифатам дека целата одговорност лежи во мејнстрим културата и лошиот едукативен систем како што одбивам и да прифатам дека самите млади ја имаат сета одговорност за сопствената изгубеност. Најчесто баш таа поозбилна, поискуна, поосвестена и поинформирана елита која што, вака, го патронизира помладокот би требала да биде таа која што ја прифаќа одговорноста и без исмејување туку со достоинство би требала да ја усмери.

 Среќа во случајот на Кооперација (без обзир на овој мал геф) тоаго потврдува и прави.

Една од најголемите – од моја гледна точка како млад автор дефинитивно и најголема функција на Кооперација е баш тоа : отворена комуникација, едукативен карактер како директна последица и на крај афирмација.

Тие даваат за да јас слушнам.

Јас разбирам, јас одговарам.

Тие слушаат, тие прифаќаат.  

И пак.

*Испразни Спектакли

Секако Скопје 2014, феноменот на шопинг моловите кој што беше спомнат, те политиката на „леб и игри“ . Но мислам и на самонаречениот перформанс на Никола Гелевски како и реакциите на истиот. Праксата на перформансот во било каква форма секако ја поздравувам но во дадениот контекст сметам дека многу поважно би било смирено и без окупирање и не почитување на туѓи граници и простор, каде што соговорникот ако ништо друго е приателски настроен, да се артикулираат идеии кои што тогаш јасно би биле ишчитани – тука повеќе не сум сигурен дека станува збор за идеии кои што воопшто треба да се исчитаат туку чист напад.

Доколку од секој напад и ситуација треба нешто да се извлече и научи, а не да се остане индиферентен тогаш ќе го направам истото.

Не се срамам од зборот пичка. По истата логика, јас не сум пичкица

Перформансот би бил за мене легитимен кога би оставил простор за реакција и кога истата би ја афирмирал, вака заклучувам само дека станува збор за спектакл.